КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА „ИСТРЕБУВАЧ 2049“, ОСКАРОВЕЦОТ ДИКИНС, ЌЕ ДОЈДЕ ВО БИТОЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
90th Academy Awards - Oscars Show - Hollywood, California, U.S., 04/03/2018 - Roger Deakins wins the Best Cinematography Oscar for Blade Runner 2049. REUTERS/Lucas Jackson

Кинематограферот на култните и наградувани филмови „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму, „Нема земја за стари луѓе“ и „Читачот“, оскаровецот Роџер Дикинс, во септември ќе дојде во Битола, како специјален гостин и добитник на наградата за животно дело Златна камера 300 на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Британецот Дикинс имаше 13 номинации за Оскар, пред конечно годинава да биде награден за работата на филмот „Истребувач 2049“. Во богатата кариера, 69-годишниот Дикинс има добиено над 100 награди и 148 номинации.

„Во својата кариера, тој има два периоди како кинематографер: првиот, британскиот, од средината на 70-те, кога снима филмови најмногу со режисерите Мајкл Редфорд и Мајк Фиџис и вториот период, од 1990 година, кога со Боб Рејфелсон го сними својот прв американски филм ’Планини на месечината’. Во 1991 година ја почнува соработката со браќата Џоел и Итан Коен, станувајќи нивни партнер кинематографер“, вели уметничкиот директор на Фестивалот, Благоја Куновски-Доре.

Директорката на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, најави дека фестивалот годинава ќе трае од 22 до 29 септември, под мотото „Симнуваме капа“ .

Од годинава се зголемува бројот на фестивалски програми и ќе бидат вкупно 14.