КРАТКИОТ ФИЛМ „ВЕРА“ НА ВЕРИЦА НЕДЕСКА ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ИЗМИР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Краткометражниот игран филм „Вера“, во режија на Верица Недеска, ќе ја има својата светска премиера на фестивалот „Балкан панорама“, што ќе се одржи од 15 до 20 октомври во Измир, Турција. „Вера“ е еден од петте филмови избрани во официјалната натпреварувачка селекција насловена Yellow Umbrella.

Главните улоги ги толкуваат Сабина Ајрула и Симона Димковска, а во актерската екипа се и Ристо Стефановски, Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева и Верица Недеска-Трајкова.

Филмот е за младата девојка Ника, која се наоѓа пред голема дилема дали да го роди бебето кое го носи или не. Тој ден ја среќава заборавената актерка Вера, која, пак, сака да умре.

„Вера“ е финансиран од Агенцијата за филм и е копродукција помеѓу „Стори скоп“, „Фокус покус филмс“ и Филмски институт Охрид.