Поп-кралицата Мадона ќе режира филм, што ќе се базира врз животот на балерината Микаела ДеПринс.
Студиото „Ем-Џи-Ем“ го развива сценариото од 2015 година, кога ги откупи правата на мемоарите на Микаела и Илејн ДеПринс, „Полетување: од сираче на војната до балетска ѕвезда“. Книгата ја следи сега 23-годишната Микаела ДеПринс од нејзиното детство во од војна разурнатата Сиера Леоне до статусот на светски позната балерина.
„Патот на Микаела длабоко ме допре, и како уметник и како активист кој ги разбира животните маки. Имаме уникатна можност да фрлиме ново светло врз Сиера Леоне и да ѝ овозможиме на Микаела да биде гласот на сите сирачиња со кои порасна. Чест ми е што ќе снимам приказна за нејзиниот живот“, кажа Мадона.
Микаела била посвоена на четиригодишна возраст од Чарлс и Илејн ДеПринс, по што пристигнала во САД. Таа дебитирала како професионална балерина на 17 години, потоа се појави во спотот за песната „Лимонада“ на Бијонсе и денес е солистка во Холандскиот национален балет.
Ова ќе биде трет филм за Мадона во улога на режисер, а прв од 2011 година.