„Патување пеш“ (The Walk), новиот документарец на македонската режисерка со двојна номинација за Оскар Тамара Котевска вечерва (22 август) ќе има македонска премиера на затворањето на 15. МакеДокс. Филмот ќе се прикаже од 21 часот во Куршумли ан.
„Патување пеш“, вториот на документарец Котевска, ја имаше светската премиера лани на 9 ноември на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC). Претходниот филм на Котевска, „Медена земја“, што го режираше со Љубомир Стефанов, доби историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Документарниот филм го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом.Филмот се снимаше 2 години, на територија на повеќе од 10 земји.
По премиерата, концерт ќе има композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев.
„Јас лично бев интимно мотивирана да го направам овој филм баш поради тоа што потекнувам од земја каде што бегалците се невидливи и тоа сите ние го знаеме и сведочиме. Тоа што го видов од овој проект е дека ние не смееме да останеме слепи на овој проблем и многу ми е мило што денеска овој филм е гласот кој се надевам дека ќе ја разбуди македонската публика да сфати дека бегалците не се невидливи и тие постојат секаде околу нас во нашава земја. Се надевам дека овој филм ќе допре до сите и дека ќе направи промена,“ вели Котевска.
Фото: М. Буено