Македонија му даде предност на победникот на Санденс пред кандидатот за „Златна мечка“ на Берлинале и за првпат кандидираше документарен филм за Оскар за најдобар странски филм.
Ден пред неговата македонска премиера, Друштвото на филмските работници на Македонија објави дека „Медена земја“ ќе биде македонски кандидат за Оскар. Со тоа, „Медена земја“ има шансa да добие две номинации за Оскар, откако со триумфот на фестивалот ДокАвив во Тел Авив се избори за правото директно да биде номиниран за Оскар за најдобар документарец.
Покрај „Медена земја“, во конкуренција за кандидатурата беа и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Еј!“ на Васил Христов, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ на Перо Попов и „Џезмен“ на Аљоша Симјановски.
„Медена земја“ може да се надева и на Европски оскар, откако влезе во поширокиот круг на 12 документарци, избрани од Европската филмска академија. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, пак, е меѓу 46-те наслови кои можат да влезат во трката за најдобар европски филм.
„Медена земја“ утре премиерно ќе биде прикажан во Македонија во рамките на фестивалот МакеДокс, а од четврток ќе биде на редовниот кинорепертоар.