Со сцена со актерката Камка Тоциновски, денеска во хотелот „Лимак“ во центарот на Скопје се означи почетокот на снимањето на седмиот по ред филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски.
- Насловен „Кајмак“, по сценарио на Манчевски, филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.
- Продукцијата „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.
- Режисерот го нарекува „Кајмак“ и безобразна комедија.
- Во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ и Сара Станиќ.
- „Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство: 52% се од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48% од земјава, од Агенцијата за филм на Северна Македонија.
- Македонската радио телевизија (МРТВ) е копродуцент. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и Србија.
- Македонски копродуцент е Јане Ќортошев.
- Дански копродуцент е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз.
- Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст.
- Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Ијан Прајор од британската „Скала продакшнс“.
- Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен од Данска, кастинг директорка Милка Анчевска, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти.
Фото: М. Аргакијева