МАРГО РОБИ ЌЕ ПРАВИ ФИЛМ ЗА ИГРАТА „МОНОПОЛ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Продукциската компанија на Марго Роби ќе снима филм заснован врз популарната друштвена игра „Монопол“. Според „Холивуд рипортер“, овој филм се развива повеќе од десет години, но дури сега се најде компанија која ќе застане зад него – „ЛакиЧеп“ на Марго Роби. Оваа компанија работеше на ланските филмски хитови „Салтбурн“ и „Барби“.

„Сакаме да направиме повеќе филмови кои ќе имаат ефект каков што имаше ‘Барби‘. Не знам дали тоа мора да биде ‘Барби 2‘. Зошто да не биде друга голема, оригинална, храбра идеја, со неверојатен филмаџија и со голем буџет“, кажа 33-годишната Роби.

„Барби“ беше филмот со најголема заработка минатата година, од 1,38 милијарди долари на светско ниво.

Играта „Монопол“ била патентирана во 1904 година од американската дизајнерка на игри и феминистка Лизи Маги. Таа се здоби со голема популарност 30 години подоцна, кога првпат се појави на пазарот во САД.