МАРГО РОБИ СТАНА НАЈПЛАТЕНАТА АКТЕРКА ВО ХОЛИВУД СО УЛОГАТА НА БАРБИ

Лос Анџелес, (Вараети)

Марго Роби стана најплатената актерка во Холивуд благодарение на насловната улога во новиот филм „Барби“. Како што објави „Вараети“, 32-годишната Австралијка ќе заработи 12,5 милиони долари за овој филм, а идентична плата имал и нејзиниот колега Рајан Гослинг, кој го игра Кен.

Роби претходно доби десет милиони долари за да ја повтори улогата на Харли Квин во „Птици грабливки“.

Грета Гервиг го заврши снимањето на „Барби“ оваа недела, а премиерата е најавена за јули 2023, кога се одбележуваат 60 години од појавата на легендарната кукла.

Втората најплатена актерка е младата ѕвезда на серијата „Чудни нешта“, Мили Боби Браун, која ќе инкасира десет милиони долари за продолжението на „Енола Холмс“.

На врвот на листата убедливо се наоѓа Том Круз, кој ќе заработи повеќе од 100 милиони долари како главен актер и продуцент на „Топ ган: Маверик“. По него следуваат Вил Смит (35 милиони долари), Леонардо ДиКаприо (30), Бред Пит (30) и Двејн Џонсон (22,5).