„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ И ОФИЦИЈАЛНО ВО КОНКУРЕНЦИЈА ЗА ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР

Лос Анџелес, (СМАРТ СДК.МК)

„Медена земја“ дојде на чекор до номинација не за еден, туку за два оскара.

Американската филмска академија ги објави конечните листи филмови што ќе конкурираат за номинација за Оскар за најдобар документарец и за најдобар странски филм и „Медена земја“ се најде на двете.

Имињата на петте номинирани филмови ќе бидат објавени на 7 јануари, а 92. церемонија на доделување Оскари е на 9 февруари.

На скратената листа за најдобар документарец се наоѓаат уште 14 наслови, вклучувајќи го и „За Сама“, кој неодамна го победи „Медена земја“ на Европските филмски награди во Берлин.

Во категоријата најдобар странски филм, „Медена земја“ има уште девет конкуренти за номинација, меѓу кои и победникот во Кан „Паразит“, „Болка и слава“ на Педро Алмодовар и „Клетници“, кој исто така доби номинација за Златен глобус.