ФИЛХАРМОНИЈАТА СО НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ ЗА ДЕЦА „ЗАМИСЛИ ЖЕЛБА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Замисли желба“ е насловот на новогодишниот концерт за деца, што Филхармонијата го најавува за 21 декември во 12 часот. Филхармонијата објави дека саботниот концерт е распродаден и дека е закажан уште еден концерт, за в петок, 20 декември, од 12:30 часот.

„Приказната ја следи нарацијата што ја сугерира насловот – новогодишните желби кои секое дете ги посакува на крајот од годината. Поентата и мотивот во приказната се дека не треба да се фокусираме на материјалното, туку треба да бидеме хумани и да им помагаме на луѓето“, велат од Филхармонијата.

Децата низ приказната ќе ги води наратор – актерот Мартин Јорданоски.

Оркестарот, со кој ќе диригира Сашо Татарчевски, ќе изведе познати новогодишни песни, како и класични ремек-дела од Гуно, Офенбах и Чајковски. Ќе настапи и хорот „ПроАрс“. Аранжманите за дел од композициите се на Ангел Спироски.