„Медена земја“ остана без наградата за најдобар документарец на синоќешното доделување на Европските филмски награди во Берлин.
Наградата ја однесе британско-американската копродукција „За Сама“, кој го следи животот на Сиријката Ваад ал-Катеаб, еден од режисерите на филмот, за време на петгодишната војна во Алепо, кога ја добила ќерката Сама.

На „Медена земја“ исто така му конкурираа „Сведоците на Путин“ (Русија), „Исчезнувањето на мојата мајка“ (Италија/САД) и „Селфи“ (Франција/Италија).
Филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов не престана да собира награди и номинации од премиерата и триумфот на Санденс во февруари и на долгата листа фестивали од кои што се врати награден се Атина, Беркшир, Тел Авив, Барселона, Бидгошч, Монтклер, Мумбај, Сарасота, Сао Пауло, Ваљадолид, Санкт Петербург, Монпелје, Нова Каледонија и Луксембург.
„Медена земја“ е номиниран и за престижната американска награда Независен дух, додека номинациите за Оскар ќе бидат објавени на 13 јануари.