МИ СЕ ИСПОЛНИ ЖЕЛБАТА ДА СНИМАМ ФИЛМ ЗА ОХРИД, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПИПЕРКОСКИ ЗА „ДЕДО И ВНУК“

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид синоќа премиерно беше прикажан првиот долгометражен игран филм на охридскиот режисер Илија Пиперкоски, „Дедо и внук“. Главните улоги ги играат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и младиот охриѓанец Наум Цветкоски.

Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, пренесе приказна со која сите гледачи ќе можат да се идентификуваат: проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.

„Грешките од младоста често знаат да отворат големи дупки подоцна во животот на секој од нас, па посетителите во многу делови од филмот ги препознаа сопствените или проблемите на нивните најблиски и пријатели“, вели Пиперкоски и додава дека му било голема желба целосно да сними филм во Охрид.

Продуцент е Огнен Антов.

Д. ЧУБРИЌ