Од вечерва до петок во Кинотеката ќе се прикажува наградуваниот македонски документарец „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов. Документарецот изминатиов период играше во 30 градови низ земјава. Вечерашната проекција е распродадена, а следните термини се: понеделник во 18 часот, среда во 20 часот, четврток во 18 часот и петок од 20 часот.

Изминативе месеци документарецот ги освојува светските фестивали и критичари, а вечерва ги очекуваат големи настани: во Берлин ќе се доделат наградите на Европската филмска академија (ЕФА) каде филмот е номиниран за најдобар документарец, а во Лос Анџелес се доделуваат Интернационалните документарни награди ИДА, каде има три номинации: за најдобар филм, за режија и за кинематографија на Самир Љума и Фејми Даут.

Режисерката Котевска со Љума и со продуцентот Атанас Георгиев денес се во Берлин, на свеченоста на ЕФА. Преносот почнува во 17 часот, а церемонијата е во 19 часот и може да се следи на https://www.europeanfilmawards.eu.

Интернационалните документарни награди ИДА е најпрестижниот светски настан за овој жанр, а режисерот Стефанов денеска е во Лос Анџелес, каде ќе ја прими наградата „Паре Лоренц“, која се доделува „за давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“.

„Медена земја“ е македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари.