МЈУЗИКЛОТ „ДИЈАНА“ Е НАЈЛОШИОТ ФИЛМ ЗА 2021, ЛЕБРОН ЏЕЈМС ДОБИ ЗЛАТНА МАЛИНА ЗА НАЈЛОШ АКТЕР

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Филмската верзија на мјузиклот „Дијана“ „триумфираше“ на Златните малини, со кои се наградува најлошото во Холивуд во изминатата година. Во продукција на „Нетфликс“, „Дијана“ освои пет малини, меѓу кои и за најлош филм и за најлоша актерка, Џина де Вал, која ја игра покојната Леди Ди.

Кога излезе минатата година, филмот беше уништен од критичарите, додека претставата имаше само 33 изведби на Бродвеј, пред да биде тргната. „Нетфликс“ го пушти филмот пред премиерата на претставата.

НБА ѕвездата Леброн Џејмс доби Златна малина за најлош актер, за „Вселенска кошарка 2“. Џејмс и „кој било цртан лик со кого дрибла“ се прогласени за најлоша филмска двојка, а самиот филм освои Златна малина за најлош римејк/продолжение.

Брус Вилис оваа година имаше своја сопствена категорија: најлоша изведба на Брус Вилис во филм од 2021. Меѓу осумте номинирани наслови победи „Космички грев“.