МЈУЗИКЛОТ „ДИЈАНА“ СО НАЈМНОГУ НОМИНАЦИИ ЗА ЗЛАТНА МАЛИНА, БРУС ВИЛИС ДОБИ ПОСЕБНА КАТЕГОРИЈА

Лос Анџелес, (АП)

Мјузиклот за принцезата Дијана собра најмногу номинации за Златна малина, кои традиционално се објавуваат ден пред номинациите за оскари и го слават најлошото во филмот во изминатата година. „Дијана“ е номиниран во девет категории, вклучувајќи за најлош филм, покрај „Бесконечно“, „Вселенска кошарка 2“ и трилерите „Карен“ и „Жената на прозорецот“.

Филмот во продукција на „Нетфликс“ е заснован врз бродвејскиот мјузикл, но и двете верзии добија ужасни критики, па претставата беше тргната од репертоарот по само 33 изведби.

„Еве што видовме во 2021: измачувачки мјузикли, трилери без возбуда и повеќе Брус Вилис одошто стомак на гладен гледач може да поднесе. Со други зборови, 2021 не ги изневери златните малини“, кажаа организаторите.

За најлош актер се номинирани Скот Иствуд, Рои Хартрампф, Леброн Џејмс, Бен Плат и Марк Волберг, а за најлоша актерка Ејми Адамс, Џина де Вал, Меган Фокс, Тарин Менинг и Руби Роуз.

Ќе се додели и посебна златна малина за најлош настап на Брус Вилис во 2021, за што конкурираат дури осум филма.