Мјузиклот „Мачки“ собра шест награди на годинашното доделување на Златни малини, на кои се слави најлошото во Холивуд во изминатата година.
Тој беше прогласен за најлош филм, а доби награди и за најлош режисер (Том Хопер) и за најлоша споредна машка (Џејмс Корден) и женска улога (Ребел Вилсон).
Церемонијата требаше да се одржи во Лос Анџелес, но поради кризата со коронавирусот, добитниците беа објавени преку видеолинк.
И покрај голем број ѕвезди во актерската постава, филмската адаптација на хит-претставата на Ендрју Лојд Вебер дојде на лош глас уште за време на снимањето и потоа катастрофално помина и во кината и кај критиката. Тој имаше буџет од 95 милиони долари, а заработи само 74.
Златна малина за најлош актер добија Џон Траволта и Хилари Даф, а најлош римејк/продолжение е „Рамбо 5“.