НОВИ ПРОДУКЦИИ СО ПОПУЛАРНИ АКТЕРИ НА НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ ВО СКОПЈЕ И БИТОЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шеснаесеттото издание на Неделата на јапонски филм во Скопје ќе се одржи од 3 до 8 ноември во Кинотеката. Ќе се прикажат нови јапонски филмови од помладата генерација продуценти, со актери кои се популарни во Јапонија.

Неделата на јапонски филм во Битола ќе се одржи на 9 и 10 ноември. Сите проекции ќе бидат бесплатни, но со ограничен капацитет.

Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, на денешната прес-конференција рече дека филмот со кој ќе се отвори Неделата на јапонски филм е „Барам љубов“ на режисерот Косаи Секине. Проекција на овој филм ќе има и во Битола на 9 ноември.

„Барам љубов“, како што рече Ангелов, обработува општествен проблем наречен хикикомори, екстремен облик на социјална фобија од која страдаат милиони млади Јапонци.

„Кај нас, но и во целиот свет има млади луѓе кои се среќаваат со потешкотии во врска со работата, кариерата, љубовта, а многу често и со депресија, анксиозност и слични психички проблеми. Старите луѓе имаат проблеми со болести и заборавањето и им треба потпора од семејството. Ова се темите кои ги обработуваат првите два филма од годинашната програма“, рече Ангелов.

„Долгото збогување“ на Рјота Накано е вториот филм што ќе се прикаже во Кинотеката, а во Битола ќе има проекција на 10 ноември.

На 6 ноември ќе има проекција на „Осаменото Уме дрво“ на Котаро Ваџима, па следуваат „Филмските лажговци од Асахи-За“ на Јуки Танада (7 ноември) и „Макуко“ на Кеико Цуцурока (8 ноември).

Амбасадорот на Јапонија, Оцука Казуја, кажа дека следната година се слави 30-годишнината од дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија и најави дека ќе се организираат многу културни настани.

„Покрај дистрибуцијата на јапонски филмови, Јапонската фондација работи и на спроведување сеопфратни меѓународни програми за културна размена низ целиот свет. Ги повикуваме сите кои се заинтересирани за јапонската култура и сакаат да бидат дел од заедничкото прославување да ја земат предвид можноста за аплицирање за финансиска поддршка на отворениот конкурс преку Јапонската фондација“, рече амбасадорот Казуја.

Недела на јапонски филм е поддржана од Јапонската фондација, Кинотеката, Центарот за култура во Битола и Јапонската амбасада.

(Фото: Сцена од „Барам љубов“ на режисерот Косаи Секине)