ОСТИН БАТЛЕР САМИОТ ГИ ПЕЕ ПЕСНИТЕ ВО НОВИОТ ФИЛМ ЗА ЕЛВИС (ВИДЕО)

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Објавен е трејлер за новиот биографски филм за Елвис Присли, во кој главниот актер Остин Батлер самиот пее. Филмот во режија на Баз Лурман ќе има премиера во кината на 24 јуни и ќе го истражи животот на Присли во три секции.

„Приказната за кралот на рокенролот е големо платно за истражување на Америка“, изјави Лурман.

„Елвис“ се правеше повеќе од две години поради пандемијата и првпат се здоби со публицитет кога Том Хенкс се зарази на снимањето во Австралија во март 2020. Двократниот оскаровец го игра озлогласениот менаџер на Присли, Том Паркер.

Триесетгодишниот Батлер, кој глумеше и во последниот филм на Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“, ја добил улогата по долга аудиција.

„Кога почнав да се подготвувам за улогата, си поставив за цел да пеам идентично како Елвис. Една година пред да почнеме со снимањето, го тренирав гласот и постојано гледав филмови и концерти од Присли“, изјави Батлер.

Според Лурман, гласот на младиот Елвис е целосно на Батлер, а за средовечниот Елвис е користена мешавина од гласот на Батлер и снимки од Присли.