ОМАЖ СО ФИЛМОВИ НА СТЕФАН СИДОВСКИ-СИДО НА 9 ЈУЛИ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 9 јули од 20:30 часот, Кинотеката организира омаж на Стефан Сидовски-Сидо, еден од најзначајните автори на македонскиот аматерски филм и истакнат филмски педагог. Ќе биде прикажан избор од неговото богато творештво, кое се одликува со интелектуална провокативност, сатиричен пристап и со филозофски идеи.

„Преку своите филмови, Сидо отвора прашања за човекот, моќта, технологијата и современиот свет, оставајќи траен белег во македонската филмска култура. Генерации филмофили и негови ученици го паметат како инспиративен професор и неуморен промотор на филмската уметност“, велат од Кинотеката.

Ќе бидат прикажани неговите филмови „Полуден револуционер“, „Големото око“, „Привид“, „Писмо“, „Надеж“, „Самрак на цивилизацијата“, „Дискурс“, „Идентификација“, „Илузија“ и „Средба.

На програмата е и документарниот филм „Сидо“, во режија на Тамара Котевска.