ОСУМ ФИЛМОВИ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА НАГРАДИ НА СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА „КИНЕНОВА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмото издание на меѓународниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“ ќе трае од 7 до 14 октомври под слоганот „Првиот секогаш остава трага“. Во „Милениум“ и Кинотека, публиката ќе може да погледне актуелни први или втори остварувања на нови режисерски имиња.

„Секоја година се снимаат сè поквалитетни деби остварувања и како селектор се соочувам со слатки маки кои филмови да влезат во конкуренција за награди“, вели програмскиот селектор Игор Анѓелков.

Фестивалот ќе го отвори хрватскиот филм „Чичко“ на режисерите Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните улоги. Ова е еден од осумте филмови од натпреварувачката програма, во која се и наслови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и Косово. Покрај ова, ќе има и селекција на кратки филмови.

Претседателка на жирито е унгарската режисерка Илдико Енједи, која е и годинашната добитничка на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност.