Повеќето од филмовите за кои се смета дека ќе бидат хитови во 2025 се продолженија, но има и неколку нови. „Си-Ен-Ен“ направи избор на најисчекувани филмови во новата година.
„Повторно во акција“
Сè е во насловот на овој шпионски филм на „Нетфликс“ кој го означува враќањето на Камерон Дијаз, која се оддалечи од Холивуд десетина години и оскаровецот Џејми Фокс (фото), кој лани едвај преживеа мозочен удар. Филмот ќе започне да се емитува на 17 јануари.
„Супермен“
Филмот претходно беше насловен „Супермен: Наследство“, а во улогите на Супермен и Лоис Лејн дебитираат Дејвид Коренсвет и Рејчел Броснахан. Трејлерот го прикажа и малото суперкуче на Кларк Кент. „Супермен“ ќе биде во кината од 11 јули.
„Мики 17“
Поминаа шест години откако визионерскиот корејски режисер Бонг Џун-хо ја воодушеви публиката со својот оскаровец „Паразит“. Неговиот следен филм „Мики 17“ доаѓа во април по неколку одложувања. Филмот, во кој глуми Роберт Патинсон, е научно-фантастична комедија, која, сепак, се занимава со некои темни и тешки теми. Премиерата е на 18 април.
„Светот Јура: Преродба“
Новото продолжение на „Паркот Јура“ добива поени исклучиво благодарение на актерската екипа, во кое главните улоги ги играат Скарлет Јохансон, Махершала Али и Џонатан Бејли. Треба да игра во кината на 2 јули.
„Карате Кид: Легенди“
Ова продолжение ги обединува Ралф Мачио, кој го глумеше Даниел ЛаРусо во оригиналниот филм од 1984, и Џеки Чен, кој го играше Хан во римејкот од 2010. Двајцата сега имаат нов ученик – Ли Фонг (Бен Ванг). Пристигнува во кината на 30 мај.
„Падингтон во Перу“
По големиот успех на „Падингтон 2“ од 2017 беше само прашање на време кога ќе излезе нов дел, во кој шармантната плишана мечка е во Перу. Филмот доаѓа во кината на 14 февруари.
„Злобница 2“
Вториот дел на овој мјузикл треба да се појави во кината речиси една година откако „Злобница“ колективно го воодушеви светот. Вториот дел од филмската адаптација на бродвејскиот хит е со наслов „За добро“, според една од неговите оригинални песни. Премиерата е на 21 ноември.
„Мајкл“
По многу шпекулации, биографскиот филм за Мајкл Џексон ќе се појави во кината во новата година, а внукот на кралот на попот Џафар Џексон ја доби насловната улога. Во актерската екипа се и Колман Доминго, Мајлс Телер и Нија Лонг. „Мајкл“ ќе биде премиерно прикажан во кината на 3 октомври.