Националното здружение за помош и поддршка на луѓето со мултипла склероза премиерно го прикажа првиот краткометражен филм за оваа болест, насловен „Роденденски подарок“. Претседателката на Здружението Ана Карајанова-Димитрушева вели дека филмот е прва соработка со Факултетот за драмски уметности во Скопје.
„Филмот прикажува и разработува исклучително чувствителна тема каде што глумците, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите и други несебично се внесоа и не штедејќи го својот потенцијал, успеаја вешто да ја отсликаат реалноста и верно да ги доловат предизвиците со кои живеат лицата со мултипла склероза“, вели Карајанова-Димитрушева.
Таа вели дека мултипла склероза е најчесто невролошко нарушување и причина за инвалидитет кај младите возрасни лица и дека третманот што го добиваат е за да се намали прогресијата.
Филмот е снимен на локации во Скопје и во него се прикажани здравствените и социјалните аспекти на животот на главната хероина и нејзината болест, како и отсуството на емпатија од околината.
Министерството за здравство и Здружението потпишаа меморандум за соработка, со кој треба да се обезбедат соодветна дијагностика и достапен третман.
„Годинава повеќекратно се зголеми бројот на пациенти кои се на третман со новата иновативната терапија, а Клиниката за неврологија доби поголем условен буџет од Фондот токму за лекови за оваа болест. За првпат, во јавното здравство е обезбедена и посебна просторија каде овие пациенти со соодветен медицински надзор ја примаат терапијата“, вели министерот за здравство Венко Филипче.