Скулпторот Жарко Башески ќе учествува со две дела на интернационалната концептуална изложба која ќе се одржи во Кралската палата во Милано под наслов „Корпус домини: Од славното тело до урнатините на душата“. Изложбата, која ќе трае од 27 октомври до 22 јануари 2022, е во организација на Кралската палата и Општина Милано.

Башески, кој е познат по хиперреалистични дела, ќе се претстави со скулптурите „Вон…“ и „Автопортрет 1“, заедно со 33 други меѓународно признати уметници и вистински икони на современата уметност. На простор од 1.000 квадратни метри ќе бидат изложени вкупно 111 дела, меѓу кои инсталации, скулптури, цртежи, слики, видеоинсталации и фотографии.

Според организаторот, изложбата е резултат на заедничката работа на уметниците, музеите, фондациите, архивите, галериите и колекционерите од Италија и други земји, со цел да се понуди преиспитување на концептот на човештвото по шокот и пресвртот предизвикани од ковид-19.