Премиерата на новиот филм на Кристофер Нолан поради пандемијата на коронавирусот е одложена по третпат и тоа на неодредено време, објави „Ворнер брос“. Премиерната проекција на „Тенет“ првично беше закажана за 17 јули, па беше поместена за 31 јули, а сега нема да се случи ни на 12 август.
За разлика од претходните одложувања, овојпат нема нов датум на премиерата на еден од најочекуваните филмови за оваа година, кој има буџет од 200 милиони долари. „Тенет“ се очекуваше како прв високобуџетен холивудски филм кој требаше да се прикаже во кината ова лето.
Киносалите во Њујорк и Лос Анџелес, двата најголеми пазара во САД, сѐ уште немаат дозвола од градските власти да отворат, додека кината во Кина повторно почнаа со работа вчера по шестмесечната пауза.