Робин Вилијамс беше легендарен комичар, талентиран актер и сакан сопруг и татко, но имаше и златно срце и оваа негова особина беше потенцирана од сите на премиерата на документарецот „Робин Вилијамс: влези во мојот ум“, што се одржа во Кинескиот театар во Лос Анџелес.

Актерот Били Кристал и долгогодишниот менаџер Дејвид Стајнберг беа домаќини на настанот, кој на едно место ги собра некои од најзначајните комичари, како и пријатели на Вилијамс, кој го шокираше светот кога изврши самоубиство пред четири години.

Режиран од Марина Зенович, филмот фрла поглед врз исклучителните живот и кариера на Вилијамс, проследено со интервјуа со негови колеги и пријатели, како Кристал, Вупи Голдберг, Дејвид Летерман и Стив Мартин, како и со бившата сопруга Валери и синот Зак.

„Има само еден Робин Вилијамс. Сакаме да го славиме тоа и да покажеме што се случува кога имате неверојатно многу талент и можности поради тоа. Знам дека луѓето го сакаа, но немав идеја дека е толку многу“, изјави Зенович.

Таа вели дека интервјуата биле потешкиот дел од снимањето, бидејќи се евоцирале спомени и емоции, при што некои признаа дека тоа им делувало терапевтски.

„Без Робин, светот е помрачно и поосамено место за многумина од нас, но радувајте се што го имавме“, вели Били Кристал.

Филмот премиерно ќе биде прикажан на 16 јули на Ејч-Би-О.

„Мислам дека филмот ќе им падне тешко на многу луѓе, дури и на оние кои не го познаваа. На сите многу ни недостига. Тој беше смешен и прекрасен, голем актер и талент и толку добра личност“, изјави комичарот Боб Саџет.