Кога Рами Малек дознал дека е еден од кандидатите да го глуми Фреди Меркјури во филмот „Боемска рапсодија“, тој веднаш си нашол сет лажни предни заби.

„Почнав да ги носам лажните заби една година пред да почне снимањето, иако тогаш сѐ уште не знаев дали сум ја добил улогата. Ми требаше време да се навикнам на нив, но сакав да ми биде удобно колку што е можно повеќе, затоа што така беше тешко да се зборува, а камоли да се пее“, откри Малек.

Тој призна и дека бил доста нервозен кога сфатил дека треба да глуми рок божество.

„Тоа беше најстрашното соочување во мојот живот. Прво што си реков беше ‘како ќе го изведам тоа?‘ Фреди е личност што се смета за легенда, рок икона, рок божество, но знаев дека не смеам да ја испуштам оваа шанса. Ја зграпчив, се вложив себеси во улогата и ова беше најисполнувачкото искуство во мојот живот“.

Освен забите, Малек носел и вештачки нос, разни мустаќи и голем број перики. Во добар дел од филмот тој самиот пее, во комбинација со гласот на Фреди и на уште еден пејач.

„Марк Мартел совршено го доловува вокалниот опсег на Фреди. Бидејќи не знаев што од снимениот материјал ќе биде искористено, секој ден морав да пеам од дното на моите бели дробови. На моменти го губев гласот“, вели Малек.