ВЕЧЕР НА СИНЕДЕЈС СО ПАВЛИКОВСКИ, ФОН ТРИР И ЖЕНСКИОТ МЛАДИНСКИ ХОР НА МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмовите на режисерите Павел Павликовски и Ларс фон Трир се на денешната гала програма на Фестивалот на европски филм Синедејс.

Во киното Милениум, од 20 часот ќе игра „Студена војна“ на Полјакот Павликовски, филм за страсната љубовна приказна помеѓу двајца луѓе кои поради нивните различни потекло и карактери на прв поглед делуваат неспоиво, но се судбински предодредени еден за друг. Сместен во времето на студената војна во педесеттите години на минатиот век во Полска, Берлин, Југославија и Париз, филмот опишува една невозможна љубов во невозможни времиња.

Во 22.30 часот е проекцијата на „Куќата што ја изгради Џек“ на данскиот режисер Фон Трир.

„САД во 70-ите. Го следиме високо интелигентниот Џек во временски период од 12 години и ги запознаваме убиствата што го дефинираат неговиот развој како сериски убиец. Приказната ја доживуваме од гледна точка на Џек, кој ни го пренесува секое убиство како уметничко дело само по себе“, најавува Синедејс.

Покрај филмовите во Фросина и во Џебното кино на Младински културен центар (МКЦ), вечерва во 23 часот концерт ќе има Женскиот младински хор на МКЦ, насловен „ЏезТоВоис“. Ќе диригира Сашо Татарчевски, а хорот ќе настапи во придружба на Кирил Туфекчиевски – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Виктор Филиповски – удиралки и Ален Хаџи-Стефанов. Влезот е слободен.