„СЕВЕРЕН ПОЛ“ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ДОБИ ДВЕ НАГРАДИ ЗА НАЈДОБАР КРАТОК ФИЛМ ВО БОГОТА И ЗАГРЕБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Северен пол“ на режисерката Марија Апчевска-Петровска за една недела доби две награди, наградата „Санта Луција“ за најдобар интернационален краток филм на фестивалот во Богота и „Златна колица” за најдобар краток филм на Загреб филм фестивал, соопшти продукцијата „Кино око“. Ова следува откако на 22 ноември ја освои Големата награда на 63. Интернационален фестивал на документарен и краток филм ЗИНЕБИ во Билбао, Шпанија и со тоа се квалификуваше за кандидат за Оскар. Номинациите ќе бидат објавени на 8 февруари 2022.

Исто така, фестивалот во Билбао ќе го кандидира „Северен пол“ за Европските филмски награди за 2022.

По премиерата во селекцијата за Златна палма на Канскиот фестивал, „Северен пол” учествуваше на повеќе од 20 фестивали низ светот, а следува прикажувањето на фестивали во Пекинг, Лондон, Трондхајм и Лес Аркс.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.