„Фуриоза: Сага за Лудиот Макс“ ја имаше светската премиера на 77. Кански филмски фестивал во присуство на екипата на филмот. Меѓу нив беа и главните актери Крис Хемсворт и Ања Тејлор-Џој. Двајцата беа доста емотивни по завршувањето на проекцијата, по која уследија шестминутни овации од публиката.

Ова беше една од најсчекуваните премиери во Кан. Снимањето се одвиваше во Австралија од јуни до октомври 2022, а во кината ќе игра од 23 мај, кога е и македонската премиера во Синеплекс.
Во режија на Џорџ Милер, „Фуриоза“ е петтиот дел од постапокалиптичниот серијал за Лудиот Макс. Дејството се случува 15-20 години пред претходниот филм „Пат на бесот“, а Ања Тејлор-Џој ја игра помладата верзија на Фуриоза, која била киднапирана од своето родно село и пораснала со своите киднапери Дементус (Крис Хемсворт) и Имортан Џо (Лечи Халм).

Тејлор-Џој призна дека знаела оти снимањето ќе биде тешко, но не била спремна за она што ја чека. Џорџ Милер откри дека филмот содржи 15-минутна акциона сцена која се снимала 78 дена, со учество на 200 каскадери.
(Фото: Гети)