ШВАРЦЕНЕГЕР И ЛИНДА ХАМИЛТОН СЕ ОБЕДИНИЈА ПО 28 ГОДИНИ ЗА НОВИОТ „ТЕРМИНАТОР“

Лас Вегас, (Телеграф)

Арнолд Шварценегер се обедини со Линда Хамилтон на конвенцијата „СинемаКон“ во Лас Вегас, каде што го промовираа најновиот филм од франшизата „Терминатор“, кој е нивна прва заедничка соработка од 1991 година.

Терминатор: мрачна судбина“, чија премиера е закажана за 1 ноември, се води како директно продолжение на првите два филма на Џејмс Камерон, кои денес важат за класици на научно-фантастичниот жанр. Камерон сега е во улога на продуент и косценарист, додека режисер е Тим Милер („Дедпул“).

За разлика од Шварценегер, за кого ова е петти филм од франшизата, Хамилтон се враќа за првпат од „Терминатор 2: судниот ден“.

Ми требаа околу шест недели да размислам дали да се вратам. Не бев сигурна дали го сакам тоа. Не сакав да изгледа дека го правам само за пари. Моментално живеам мирен живот и не ми треба повторно да бидам јавна личност. Ако треба, ќе ја лажирам мојата смрт, за да не мора повторно да се вратам“, кажа 62-годишната Хамилтон.

Покрај оригиналната двојка, во филмот играат и Мекензи Дејвис и Габриел Луна, кој е новиот Терминатор.