Мартин Скорсезе го завршил сценариото за својот филм за Исус, што првпат го најави во мај. Во разговор со „Лос Анџелес тајмс“, легендарниот филмаџија откри дека филмот ќе се снима подоцна оваа година и ќе трае само 80 минути.
„Се обидувам да најдам нов начин да го направам попристапно и да го одземам негативниот товар од она што е поврзано со организирана религија“, изјави Скорсезе, додавајќи дека филмот засега нема дистрибутер.
Сценариото што го напишал заедно со критичарот и филмаџија Кент Џонс е засновано врз книгата „Животот на Исус“ од јапонскиот писател Шусаку Ендо. Истиот автор ја напиша и „Тишина“, што Скорсезе ја адаптираше во истоимениот филм од 2016.
Ако најавите на Скорсезе се покажат точни, овој филм ќе биде значително пократок од неговите претходни два, кои траат по повеќе од 200 минути. Филмот за Исус ќе се одвива претежно во денешно време и ќе се фокусира на принципите на неговите основни учења, а не на специфична религиозна доктрина.
(Фото: Гети)