СРПСКАТА АКТЕРКА БРАНКА КАТИЌ ЈА ИГРА РАИСА ГОРБАЧОВ ВО НОВ ФИЛМ ЗА СРЕДБА РЕГАН-ГОРБАЧОВ

Лос Анџелес, (Вараети)

Српската актерка Бранка Катиќ ќе ја глуми Раиса Горбачов во новиот американски филм „Рејкјавик“, кој ќе се фокусира на клучен состанок на Роналд Реган и Михаил Горбачов за време на Студената војна. Снимањето почна оваа недела во Рејкјавик, токму во куќата каде што се одржа средбата во 1986 година, по која односите помеѓу САД и Советски Сојуз влегоа во ново, помирно поглавје.

Режисер и сценарист е Мајкл Расел Ган, кој главните улоги им ги додели на Џеф Даниелс (Реган) и Џаред Харис (Горбачов). Оскаровецот Џеј Кеј Симонс го игра тогашниот државен секретар на САД, Џорџ Шулц, а Хоуп Дејвис е првата дама на САД, Ненси Реган.

На оваа важна средба во 1986, двајцата лидери се договорија да тргнат по поинаков, мирен курс, што имаше длабоки последици за двете земји и целиот свет.