По долг развоен процес, Стивен Спилберг донесол одлука да не го снима петтиот дел на „Индијана Џонс“, со што серијалот ќе добие нов режисер по цели 39 години.
Иако договор сѐ уште не е потпишан, него би требало да го замени Џејмс Менголд, чиј последен филм беше „Ле Ман ‘66: Славни 24 часа“. Тој веќе бил во ваква ситуација кога во 2017 година ја презеде франшизата „Вулверин“ и заврши одлична работа со „Логан“, за кој ја доби својата прва номинација за Оскар, за најдобро адаптирано сценарио.
Спилберг не се откажува целосно од „Индијана Џонс 5“ и ќе биде еден од продуцентите.
За разлика од него, Харисон Форд останува во проектот и ќе ја повтори улогата на Индијана Џонс на 77 години. Овој филм беше најавен уште во 2016 и по две одложувања, неговата премиера дефинитивно треба да се случи на 9 јули 2021.