СУПЕРФАН НА МАРВЕЛ 43 ПАТИ ГО ГЛЕДАЛ „ОДМАЗДНИЦИ 3“ ВО КИНО

Рали, (Би-Би-Си)

Марвел е универзум на суперхерои, а сега има и суперфан.

Тони Мичел, јутјубер од Северна Каролина, тврди дека веќе 43 пати бил во кино за да го гледа третиот дел на „Одмаздници“ и ги чува картите да го докаже тоа.

„По петтото гледање за три дена, си помислив ‘ќе продолжам да го гледам сѐ додека не излезе на блуреј‘. Понекогаш купувам четири карти одеднаш за да добијам една бесплатно“, вели Мичел.

Тој проценува дека досега потрошил повеќе од 1.000 долари на карти и тоа не ги вклучува грицките.

„Понекогаш ги носам од дома и така си заштедив богатство“.

Мичел вели дека е голем фан на Марвел, но ова е првпат олку да се навлече на еден филм. Да се гледа „Одмаздници 3“ 43 пати е рамно на четири дена непрекинато седење во кино.

„Тоа е добро поминато време“, смета Мичел.

„Одмаздници: војна на бесконечноста“ заработи 630 милиони долари на светско ниво во првиот викенд од прикажувањето и наскоро се очекува да ја надмине заработката од две милијарди.