СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ДИНА“ ВО ЛОНДОН, ЗЕНДАЈА СЕ ОБЛЕЧЕ КАКО КИБОРГ

Лондон, (Би-Би-Си)

Тимоти Шаламе и Зендаја пристигнаа во Лондон за светската премиера на нивниот нов филм „Дина: Втор дел“. Голем број фанови со часови чекаа во редица за да ги видат, а потоа врескаа кога тие се појавија на црвениот тепих, кој беше покриен со пустински песок.

Зендаја привлече посебно внимание со своето роботско металик одело, дизајнирано од Тјери Муглер во 1995.

Долгоочекуваното продолжение на „Дина“, во режија на Денис Вилнев, требаше да има премиера есеноска, но беше одложена поради штрајкот на холивудските актери и сценаристи.

Зендаја во роботско одело, дизајнирано од Тјери Муглер во 1995 (Фото: Гети)

„Големо олеснување е што филмот конечно е тука. Ќе си ги грицкам ноктите од нервоза до неговото излегување во кината следниот месец“, изјави Вилнев.

Остин Батлер, Флоренс Пју, Ребека Фергусон, Стелан Скарсгорд и Ања Тејлор-Џој се меѓу ѕвездите од филмот кои дојдоа на премиерата.

Дел од актерската екипа (Фото: Гети)

Научно-фантастичниот филм е заснован врз наградуваниот роман „Дина“ од Френк Херберт, објавен во 1965. Во вториот дел, Пол Атреидес (Шаламе) го совладува специјалниот начин на преживување на пустинскиот народ Фремен додека бара одмазда против оние кои му го уништија семејството. Шаламе во Лондон навести дека би можел да има и трет дел.

Првиот дел на „Дина“ излезе во 2021 и освои шест Оскари од десет номинации, при што заработи 400 милиони долари на светско ниво.

(Фото: Гети)