Квентин Тарантино во филмот за Чарлс Менсон ќе го вклучи и ликот на режисерот Роман Полански.

Според „Вараети“, тој ќе биде клучен во новиот филм, во кој Леонардо ДиКаприо ќе ја има главната улога.

Главната тема на филмот е убиството на актерката Шерон Тејт, со која Полански беше женет, и на четворица нејзини пријатели летото 1969 година.

Ликот на ДиКаприо е, всушност, ТВ-актер, кој сака да влезе во филмскиот бизнис и кој е сосед на Тејт. Марго Роби ќе ја игра Тејт. Во улогата на каскадер и соработник на главниот лик се зборува дека ќе биде Том Круз или Бред Пит, а Тарантино бара автентичен полски актер кој ќе го игра Полански.

Одлуката да се вклучи Полански во филмот е контроверзна, со оглед на неговото минато: режисерот ги напушти САД во доцните 70-ти години на минатиот век по скандалот со секс со малолетничка.

Тарантино, во меѓувреме, се дистанцираше од идејата дека филмот ќе биде биографија за Менсон, велејќи дека главно ќе се однесува на 1969 година. Сѐ уште неименуваниот филм премиерно ќе биде прикажан на 9 август 2019 година, за 50-годишнината од убиствата што ги извршија следбениците на Менсон.