НАЈБОГАТИОТ КИНЕЗ ОДИ ВО ПЕНЗИЈА НА 55 ГОДИНИ, ЈА ОСНОВАЛ „АЛИБАБА“ ОТКАКО НЕ УСПЕАЛ ДА НАЈДЕ КИНЕСКО ПИВО НА ИНТЕРНЕТ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Најбогатиот Кинез Џек Ма објави дека се повлекува од функцијата претседател на „Алибаба“, што претставува крај на ерата за гигантот во интернет продажба.

Педесет и петгодишниот Ма ја основа „Алибаба“ во 1999 и ја претвори во една од најголемите интернет компании. Таа денес е проценета на 480 милијарди долари, а самиот Ма е најбогат човек во Кина со богатство од 38,6 милијарди долари.

„Мислам дека ќе биде многу тешко да се замени Ма. Тој е единствен, тој е кинески Стив Џобс“, вели аналитичарката Ребека Фанин.

Роден во сиромашно семејство, Ма прво работел како учител, а првиот компјутер го купил на 33 години. Идеја за интернет бизнис добил откако ниту едно кинеско пиво не се појавило кога првпат напишал „пиво“ на интернет.

Без претходни познавања од компјутери, технологија и финансии, Ма ја почнал „Алибаба“ во својот стан, откако убедил група пријатели да инвестираат во неговиот онлајн пазар.

„Неговите најважни особини беа харизма, стратешка визија и способност да убедува луѓе. На тој начин, за една деценија ја претвори ‘Алибаба‘ во една од десетте најголеми интернет компании“, вели Фанин.