По неколку одложувања, во Њујорк конечно почна снимањето на биографскиот филм за Боб Дилан, во кој главната улога ја има Тимоти Шаламе. Филмот насловен „A Complete Unknown“ ги следи почетоците на кариерата на легендарниот кантавтор.
Првпат најавен во 2020, филмот прво го одложи пандемијата на ковид-19, а потоа и штрајкот на холивудските актери и сценаристи. И покрај тоа, филмот доби целосна поддршка од самиот Дилан, кој на режисерот Џејмс Менголд му дал детални белешки за сценариото.
„Поминав неколку прекрасни дена во негово друштво, само ние двајца. Тој сака филмови“, изјави Менголд.
Тој додава дека ова не е вистински биографски филм, туку се фокусира на еден момент од животот на Дилан и се случува во рани 1960-ти во Њујорк. Засега не е познато кога ќе биде премиерата.
Шаламе самиот ќе пее во филмот, при што го ангажирал истиот тренер за глас и дијалект кој му помогнал на Остин Батлер во „Елвис“.