ТОА НА М

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

(Кон филмот „Исцелител“, режија Ѓорче Ставрески, играат Благој Веселинов, Анастас Танoвски, Аксел Мехмет, Диме Илиев, Симона Димковска)

„Исцелител“, дебито на Ѓорче Ставрески, е само вториот филм од млад автор кој без страв и срам се нурнува во актуелната македонска стварност на застојана постокомунистичка транзиција и со радост ја артикулира во уметничко дело. Првиот е „Џган“ на Вардан Тозија што излезе лани, а обата филма се најдобите дебија во последниве десетина години во Македонија.

Во „Исцелител“, приказна за сиромашен млад човек кој го лекува татка си болен од рак со алтернативна медицина оти нема пари за лекови, Ставрески ја надградува драмата со богатата визуелна текстура на скапаната околина – железничките депоа, излупените дотраени фасади на зградите и дотрошените влезови и станчиња во кои некогаш пријатно и удобно живеела сега осиромашената средна класа. За ужасите на транзицијата – сета сиромаштија, морална ерозија и корупција – авторот зборува со нужна дистанца, но со сигурност, сочувство и длабоко разбирање и без ронка судење.

Ракот и сиромаштијата само ја продлабочуваат семејната драма на таткото Саздо (го игра  Анастас Тановски) и синот Веле (Благој Веселинов) чиј однос е обележан со претходната трагедија – сообраќајката, во која загинале мајката и другиот, „подобриот“ син. Комплицираниот однос меѓу таткото и синот затнат од таа траума, Ставрески го развива прецизно и со усет, иако на места на раб на клише. Таа динамика меѓу таткото и синот е моторот на филмот што успешно го вози, и затоа се чини непотребна малата дигресија во љубовниот живот на синот – сцената кога тој се среќава со бившата девојка (Симона Димковска) само со зборови го преобјаснува она што веќе е доволно јасно, дека Веле е вклештен во битката со своите зли дуси и нема сила за друго.

Но она што го дава посебниот тон на филмот е тој мртов ладен хумор, и во ситуациите и во репликите и особено во играта на актерите – не гег и карикирање, ами смирена воздржаност. Како кога некој ти раскажува најсмешна приказна без да мрдне мускул на лицето. Или како кога некој смеејќи се ти кажува страшна вест.

Благој Веселинов е вистинското откритие на „Исцелител“, актер со фино штелувана енергија што буквално го покренува филмот од една во друга пресвртна точка. Заедно со Анастас Тановски, Диме Илиев и Аксел Мехмет сочинуваат ансамбл од чија игра зрачи чувство на другарство, почит и меѓусебно инспирирање и тоа е исто така вредност на филмот.

„Исцелител“ е заокружена целина што лесно се движи во рамките на социјална драма/црна комедија, и лансира еден автор со особена смисла за хумор, спремен вредно да си ја сработи задачата. А и на македонскиве работи да гледа како на предизвик за длабоко истражување на човечките радости и таги, а не како на казна.

Марина КОСТОВА