ТОМ КРУЗ И НАСА ЌЕ ГО СНИМААТ ПРВИОТ ФИЛМ ВО ВСЕЛЕНАТА

Вашингтон, (Гардијан)

Том Круз ќе се здружи со НАСА на првиот филмски проект во вселената. Американската вселенска агенција потврди дека е во преговори со Круз за снимање на филм на Меѓународната вселенска станица.

„НАСА е возбудена од можноста да работи со Круз на филм што би се снимал на Меѓународната вселенска станица. Нам ни требаат популарни медиуми за да инспирираме нова генерација научници и инженери, кои би ги претвориле нашите амбициозни планови во реалност“, објави првиот човек на НАСА Џим Брајденстин на Твитер.

Тој не даде други детали за проектот, но ова следува откако сајтот „Дедлајн“ објави дека Круз соработува со Илон Маск и неговата компанија „Спејс-Екс“ на она што би било прв игран филм во вселената.

Пандемијата на коронавирусот наруши два големи проекта на Круз, откако премиерата на „Топ ган: Маверик“ беше одложена за јуни, а снимањето на „Невозможна мисија 7“ беше прекинато уште во февруари.