Култното име на југословенската музичка сцена Влада Дивљан ќе биде во фокусот на втората вечер на 18. издание на фестивалот на европски филм Синедејс.
Од 21 часот, во кино Фросина ќе се прикаже документарниот филм „Небеска тема“, посветен на фронтменот на „Идоли“, кој почина во 2015 година по тешко боледување. Во режија и сценарио на Младен Матичевиќ, во филмот се појавуваат низа музичари и сведоци на југословенскиот нов бран од 1980-ите и на тогашната културна сцена.
„Звук улице“, првиот бенд на Дивљан, ќе настапи во Денсинг салата на Младински културен центар по 22.30 часот. Оваа белградска група е формирана во 1976 година, но се растури пред да издаде албум. Дивљан и Здравко Колар потоа го почнаа проектот „Идоли“, а подоцна им се придружи и тапанарот Кокан Поповиќ.
„Звук улице“ беше возобновена по цели 40 години и оригиналните членови Колар, Поповиќ и Драгана Милковиќ ќе го пренесат духот на тоа време вечерва во МКЦ.