„ВОКС ЛУКС“ Е НАЈПОЛИТИЧКИ ФИЛМ ШТО СУМ ГО СНИМИЛА, ВЕЛИ НАТАЛИ ПОРТМАН

Венеција, (Вараети)

„’Вокс лукс’ е најполитички филм што досега сум го снимила“ вели оскаровката Натали Портман за улогата во новиот филм кој премиерно беше прикажан деновиве на Венецискиот фестивал, а ќе игра и во Торонто.

Во филмот на Брејди Корбет, Портман ја игра Селест, проблематична поп-ѕвезда, која како тинејџерка преживеала пукање во средното училиште. Справувајќи се со славата, насилството со оружје и со поп-културата, „Вокс Лукс“ доби главно позитивни критики, но и свирежи за време на проекциите за новинарите.

„Не верувам дека кои било двајца луѓе ќе го имаат истото чувство. Филмот ќе ги натера луѓето да дебатираат“, кажа Портман, додавајќи оти тешко одело собирањето пари за филмот.

Портман, која доби Оскар за „Црниот лебед“, рече дека изгледала многу документарци за поп-ѕвезди, за да се подготви за улогата. Гледала и видеа на луѓе кои преживеале пукање во училиште, иако веќе била запозната со тој вид на траума, бидејќи нејзини блиски пријатели биле жртви на терор.

Таа не е загрижена поради фактот дека филмот сѐ уште нема закажано кино диструбуција низ САД.

„Истиот случај беше и со ‘Џеки’. Продуцентите сакаа прво да оди на фестивали, затоа што ако добие добри реакции, ќе им помогне да го продадат на најдобриот можен дистрибутер“, рече холивудската актерка.