„ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ ВО АВГУСТ ОДИ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ПЕКИНГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот „Врба“ на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг, каде што и тој ќе присуствува. Фестивалот ќе се одржи кон крајот на август, а заедно со Шангај, Бусан, Хонгконг и Токио е во петорката најголеми во Азија.

„Врба“ беше прикажан и на 39. Филмски фестивал во Истанбул, кој поради пандемијата на коронавирусот се одржа онлајн. Петнаесетте одбрани филмови на фестивалот, меѓу кои и „Врба“, фестивалската публика можеше да ги види со купен билет за онлајн прикажување.

Од продукцијата на „Врба“ велат дека турската критика го нарече „веројатно најдобар филм на фестивалот“.

„Без преувеличувања, еден контролиран сензибилитет со извонредна природност нѐ води од минатото кон денешнината; филм со три засебни приказни за три жени, кои иако се од различни времиња и во различни состојби, низ јадовите што ги преживуваат си ги надополнуваат судбините, небаре станува збор за една личност“, вели Ердоган Митани, критичарот на најстариот весник во Турција, „Џумхуријет“, во освртот под наслов „Фестивалски допинг во денови на рестрикција“.

Сите филмски остварувања на Манчевски беа селектирани и прикажани на овој фестивал со долгогодишна традиција. Неговите филмови се изучуваат на универзитетите и во Турција и во Кина. Во 2017, Манчевски стана првиот македонски уметник со ретроспективно претставување во Азија, а во Шангај имаше циклус филмови, изложба, книга и предавање.

По светската премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше поздравен со шестминутни овации и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеци кога ги сруши рекордите на гледаност, „Врба“ беше дел и од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија и Синеквест во Калифорнија.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, како и наградата за најдобар филм на Камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Во Македонија, филмот се прикажа на Македонската радио-телевизија (МРТ), како и на два домашни фестивала, Златна рамка и Фестивал на современи ирански и македонски филмови.

„Врба“ беше поканет и на низа други фестивали, меѓу кои и Хамбург, Софија и Шангај, но поради светската пандемија тие беа откажани или одложени, па проекциите во Истанбул и Пекинг се всушност негово враќање во фестивалски живот. Главните улоги ги играат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.