ЗАЛУДНО ПОТРОШЕН ТАЛЕНТ – ЛОШИ КРИТИКИ ЗА „ОСУМТЕ НА ОУШН“

Њујорк, (Би-Би-Си)

По премиерата во Њујорк, филмските критичари дадоа генерално позитивни критики за филмот „Осумте на Оушн“, но некои сметаат дека можел да биде многу подобар, со оглед на квалитетот на актерите кои играат и дека залудно им се потрошени талентите.

Сандра Булок, Кејт Бланшет, Ријана, Ен Хатавеј и Хелена Бонам Картер се дел од актерската екипа во филмот, кој е рестартирање на франшизата „Единаесеттемина на Оушн“. Во филмот се појавуваат и ѕвезди како Серена Вилијамс, Ана Винтур, Томи Хилфигер, Џејмс Корден и Ким Кардашијан.

Бенџамин Ли од „Гардијан“ напиша: „Овдека постои блескава неспособност што режисерот Гери Рос спојува такви таленти и не знае што по ѓаволите да направи со нив“.

„Постои нешто освежувачко во тоа да се види како една група жени напредува благодарение на своите ум, лукавост и вештина, наместо со секс. Срамно е што не беа искористени уште повеќе, тие можеа да се справат со тоа”, оцени Јан Фрир од „Емпаер“.

„Вараети“ ја пофали глумата на Хатавеј, а „Вокс“ напиша: „Најтензичниот и најнепредвидлив дел од филмот е очекувањето да видите каков фустан ќе носи вашата омилена актерка во следната сцена“.