ФРАНЦУСКАТА ТЕАТАРСКА ГРУПА „КИДАМ“ СО УЛИЧНО ДЕФИЛЕ И ПРЕТСТАВА ВО СКОПЈЕ НА 5 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams) на 5 октомври во Скопје ќе ја изведе претставата на отворено со улично дефиле „Сонот на Ербер“. Настапот ќе биде дел од манифестацијата Бела ноќ во Скопје, во чест на одбележувањето на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје.

Настапот започнува со дефиле кое тргнува од пред Музејот на Град Скопје во 20 часот, а потоа продолжува по улица Македонија и оди преку Камениот мост до плоштадот Карпошово востание, каде што ќе се одржи финалето на претставата од 20:30 часот.

„Пет фигури високи четири метри низ волшебна музика ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото“, велат од Францускиот институт, додавајќи дека претставата е наменета за сите возрасти.

На крајот на настапот на Французите, на фасадата на „Ибни Пајко“ ќе биде прикажан видеомапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.

Настапот на „Кидам“ првично требаше да се одржи на крајот на јуни, но се откажа поради задоцнети и откажани летови поради невремето што ја зафати западна Европа.