ФУДБАЛЕРОТ МАРКУС РАШФОРД СЕ ИЗБОРИ 1,3 МИЛИОНИ ДЕЦА ДА ДОБИВААТ БЕСПЛАТЕН ОБРОК И ПРЕКУ ЛЕТО

Лондон, (Би-Би-Си)

Околу 1,3 милиони деца во Англија ќе добијат ваучери за бесплатен училиштен оброк и за време на летниот распуст благодарение на кампањата на младиот фудбалер на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд.

Дваесет и двегодишниот англиски репрезентативец ја поздрави одлуката за одобрување шестнеделни ваучери за децата, откако успеа да го промени мислењето на премиерот Борис Џонсон. Тој го пофали придонесот на Рашфорд кон дебатата за сиромаштијата.

Погледнете што можеме да направиме кога ќе се здружиме“, напиша Рашфорд на Твитер.

Британската влада обезбеди ваучери за бесплатен оброк за одредени категории деца додека траеше карантинот поради коронавирусот, но инсистираше дека тоа нема да продолжи и понатаму. Рашфорд потоа покрена кампања за да ја промени одлуката на владата.

Му благодарам и честитам на Маркус за оваа кампања. Мора да го разбереме притисокот на кој сега се изложени некои семејства. Ова ќе им помогне и на децата и на тие семејства“, кажа Џонсон.