„ГИДИОНОВИОТ ЈАЗОЛ“ ВО РЕЖИЈА НА МИЛОШЕВСКИ-ПОПОВА ПРЕМИЕРНО ДЕНЕСКА ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова премиерно ќе се изведе денеска (9 мај) од 20 часот во Драмскиот театар во Скопје. Претставата е работена по текст на авторката Џона Адамс.

Играат актерките Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ (фото) и децата од студиото за актерска игра „Прва проба“ Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.

„Претставата ‘Гидионовиот јазол’ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и за состојбите во образовниот систем и проблемите со кои се соочува детето во детството. На училишна средба на мајката Корин и наставничката Хедер по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразувањето, уметноста, одговорноста на наставниците и родителите, социјалните мрежи, врсничкото насилство и за осаменоста, преку кој постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“, вели режисерката.

Наредните изведби на претставата се на 23 и 31 мај.