Новак Ѓоковиќ се врати на терените по тешкото искуство на Мастерс турнирот во Рим, кога му падна шише врз главата и со победата над Јаник Ханфман со 6:3, 6:3 се пласираше во четвртфиналето на турнирот во Женева, кој е подготовка за Ролан Гарос.
Тоа беше неговата 1.100. победа на АТП-турнирите, што го постигна на денот кога го славеше 37. роденден. Ѓоковиќ е третиот тенисер во историјата кој стигнал до оваа бројка победи, а пред него се само Роже Федерер со 1.251 и Џими Конорс со 1.274.
Откако лани освои три гренд слем титули, Ѓоковиќ бележи слаб старт на сезоната и досега нема освоено ниеден трофеј. Пред Рим, каде што беше елиминиран во третото коло, го прескокна Мадрид, па со малку мечеви на земја доаѓа на Ролан Гарос. Токму затоа прифати да игра во Женева со вајлд карта.
По победата над Ханфман, Ѓоковиќ доби роденденска торта, што ја подели со персоналот на теренот.
(Фото: ЕПА)