Новак Ѓоковиќ објави дека неговиот тест за коронавирус е позитивен, исто како и на сопругата Јелена.
Тој замина на тестирање во Белград веднаш откако во неделата беше откажано финалето на ревијалниот турнир Адрија тур во Задар, кога се дозна дека бугарскиот тенисер Григор Димитров е заразен. Ѓоковиќ е шестиот учесник на турнирот што самиот го организираше кој имал позитивен тест, меѓу кои се и тенисерите Борна Ќориќ, Виктор Троицки и Димитров.
„Јас и Јелена имаме позитивен тест. Децата се негативни. Сѐ што правевме во изминатиот период беше од чисто срце и со искрени намери. Нашиот турнир беше со хуманитарен карактер, со цел да им помогнеме на тенисерите од регионот. Во исто време, сакавме да испратиме пораки на солидарност, почит и фер-плеј. Исклучително ми е жал за секој случај на зараза“, кажа Ѓоковиќ.
Тој додаде дека нема никакви симптоми и дека наредните две недели ќе ги помине во самоизолација.
По турнирите во Белград и Задар, Адрија тур требаше да продолжи во Сараево и Бања Лука. Освен што играа тенис, играчите се дружеа и надвор од терените, при што не се носеа маски, ниту се почитуваше социјална дистанца.