Иван Велков без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски уметници поради фактот дека со своето творештво внесе сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас, велат од Националната галерија на Македонија за ретроспективната изложба за 90 години од неговото раѓање.
Изложбата за Велков, кој почина во 2008, во Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) – Чифте амам ја подготвија виши кустоси Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска-Брзанова, а беше отворена денеска напладне.
Велков е припадник на повоената генерација уметници, кој одигра особено значајна улога во развојот на македонското сликарство во 1960-ите.
„Сумирано, значењето на Иван Велков за македонската историја на уметност го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа, желбата за внесување новитети и во подигањето на ликовната уметност на ново, современо рамниште. Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во истражувањата на ликовните, па и техничките можности на сликата, начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво нови елементи, новитетите за дотогашната уметност кај нас, но и со внесувањето на стилизирани традиционални етнолошки елементи преку своевидно ‘ткаење’ на површината на сликата“, велат кустосите.